Корисни информации
КОРИСНИ ИНФОРМАЦИИ
Дали вашето милениче е затруено?
Во последно време се почеста е појавата на труење на кучињата и мачките скитници. Нетолерантноста што се јавува кај некои од нашите сограѓани, истите ја спроведуваат со неетички мерки, кои за жал често завршуваат летално. Но, ова не е исходот само за бездомните животни. Често се случува некое од нашите драги пријатели – миленици да дојде во контакт со отровот кој немилосрдно се поставува со нечовечка намера. Најчесто отровите кои се подметнуваат можат слободно да се набават во некоја од земјоделските аптеки во градот, а се подметнуваат во парче храна (најчесто месо и месни производи).
Знаците на труење се јавуваат 10 – 30 минути од земањето на отровот, во зависност од количината храна која се наоѓа во моментот во желудникот. На почетокот се јавува тресење на мускулите на целото тело со грч на џвакачките мускули, повраќање, појава на пена од устата, зголемување на телесната температура и пролив. Доколку не се лечи , скоро секогаш завршува со смрт.
Постои можност за излекување, но од големо значење е да се однесе затруеното животно веднаш на ветеринар или да се повика службата за домашни посети. Со изминување на времето се намалува можноста за излекување и неминовно доаѓа до смртен исход. Затоа ако приметите некои од горенаведените знаци, особено ако вашето милениче изеде храна од улица, веднаш обратете се до најблиската ветеринарна установа.
Заштита од паразти
Постојат внатрешни и надворешни празити.
Внатршните паразити се наоѓаат во цревата на животното. Тие му наштетуваат со тоа што ги користат хранливите материи од храната што тоа ја внесува. Покрај тоа, ја оштетуваат слузницата на цревата доведувајќи до појава на инфекција и проливи со последично лоша ресорпција на храната.
Некои од паразитите можат да се пренесат од животните на човекот. Тука спаѓа Ехинококозата, која може да предизвика сериозни нарушувања на здравјето на луѓето, па дури може да биде во некои случаи и смртоносна.
Милениците се заштитуваат од овој вид паразити со редовно давање антипаразитски таблетки на секои 3 месеци.
Во надворешни паразити спаѓаат крлежите и вошките (болви). Тие се наоѓаат на кожата на животното и му наштетуваат со тоа што се хранат со неговата крв, но можат да пренесуваат и некои заразни болести. Најчеста болест која ја пренесуваат крлежите е пироплазмозата. Овде станува збор за крвен паразит кој ги уништува црвените крвни зрнца и последично доведува до крвомочање, зголемување на телесната температура и летаргија кај животното. Оваа болест не е зооноза.
Самото цицање на крвта кај некои животни може да доведе до алергиска реакција со последични промени по кожата.
За заштита од овој вид паразити се користат ампули Frontline® кои се аплицираат на кожата на вратот на животните (кучиња и мачки). Заштитата трае 90 дена за вошки (болви) и 45 дена за крлежи.
Вакцинација, зошто е потребна?
Постојат бројни заразни болести кои можат да го нарушат здравјето на домашните миленици (во прв ред кучињата и мачките), но некои од нив можат да бидат и смртоносни. Тука спаѓаат: Чума – штенечак, парвовироза, инфективен хепатитис кај кучињата и панлеукопенија кај мачките. Овде може да се вброи и беснилото кое, покрај за кучињата и мачките опасно е по животот и на луѓето. За заштита од ваквите болести се врши вакцинација.
Кај кучињата:
Прва вакцина на 6 недели со ревакцина на 9 и на 12 недели старост.
Ако од било која причина кутрето не е вакцинирано, а постаро е од 9 недели, се спроведува двократна вакцинација – вакцина и ревакцина за 3 недели.
Од првата вакцина и секоја ревакцина, младите кутриња не смеат 14 дена да се бањаат, да се изнесуваат надвор и да бидат во контакт со други животни. Ова не важи за редовната годишна вакцинација.
Од последната ревакцина задолжителна е вакцинација еднаш годишно.
Кај мачките:
Првата вакцина е на 9 – 12 недели старост со ревакцина за 3 – 4 недели.
Ако мачето е постаро од 12 недели се спроведува двократна вакцинација – вакцина со ревакцина за 3 – 4 недели.
Од ревакцината, младите мачиња 7 дена не смеат да се бањаат, да се изнесуваат надвор и да бидат во контакт со други животни.
Од последната ревакцина задолжителна е вакцинација еднаш годишно.
Беснило
Вакцината против беснило се дава 28 дена по последната ревакцина и по годишната редовна вакцина и кај кучињата и кај мачките. Вакцинацијата за беснило се спроведува еднократно (без ревакцина).
Задолжителна е вакцинација еднаш годишно.





